Alfa Romeo го прославува роденденот на „Autodelta“ на тркачката патека на самиот почеток на Светскиот шампионат во F1 2023 

Симболичното враќање на Autodelta во срцето на моторспортот е несомнено најдобриот омаж што Alfa Romeo можеше да го овозможи за да ја прослави нејзината годишнина.

Камен-темелник во спортската историја на марката, Autodelta беше официјален Оддел за тркачки автомобили на Alfa Romeo кој од 1963 година испиша незаборавни страници во моторспортот на марката, преполни со незаборавни автомобили, победи за паметење и славни возачи.

За оваа прилика Alfa Romeo реализира славеничко лого кое за време на трките за Големата награда од Светскиот шампионат во F1 во Бахреин ќе заземе место на прекрасната каросерија на болидот C43 на Alfa Romeo F1 тимот. 

Реализирано од страна на Стилскиот центар на Alfa Romeo, славеничкото лого одново, на современ начин, ја пишува историјата и се проектира во иднината на марката, чија цел е одново да го измисли спортскиот стил на дваесет и првиот век.  

 

 

Логото на Autodelta е стилски елемент што треба да се заштити и зачува во неговиот изглед и оригинални бои. И покрај годините, овој амблем на спортскиот стил останува врежан во сеќавањето на љубителите на моторспортот. 

 

Пред само две години, логото на Autodelta, одново се најде во центарот на вниманието на Alfa Romeo благодарение на проектот Giulia GTA. Максимален израз на Alfa Romeo во однос на перформансите, стилот, механиката и задоволството при возење, Giulia GTA беше претставена во поранешните простории на Autodelta, во Експерименталниот центар на Alfa Romeo, каде во шеесетите години беше создадена Giulia Sprint GTA, еден од автомобилите со најголем број победи во историјата на марката. Во проектирањето на Giulia GTA attuale, Alfa Romeo се потпре на инженерското знаење и умеење кое доаѓа директно од Формула 1, благодарение на синергијата со Заубер Инженеринг.  

 

Кристијано Фиорио, менаџер на Alfa Romeo F1: “Првата трка во шампионатот секогаш има посебна сласт, сите тимови поаѓаат од бел лист хартија, и победничката историја на шампионатот допрва треба да биде испишана. За Alfa Romeo симболичното донесување на Autodelta на тркачката патека претставува силен придонес во прославата на едно извонредно поглавје од историјата на моторспортот на Alfa Romeo. Концентрацијата е максимална, од палењето на семафорите во Бахреин до последната кривина на Големата награда, Alfa Romeo ќе даде 100% за да ги достигне амбициозните цели и оваа сезона.” 

 

Во Музејот во Арезе, прослава на роденденот

Во неделата, на 5-ти март, денот кога се слави роденденот, Alfa Romeo даде свој придонес за прославата на Autodelta со настан на кој учествуваа поранешни учесници во тимот, возачи, проектанти и обожаватели. Настанот, организиран од Музејот во Арезе, започна во 14.30 часот со парада на автомобили Alfa Romeo од различни епохи, на интерната патека. Потоа се одржа конференција за печат на која од страна на директните протагонисти беа раскажани настани од легендарната историја на Одделот за тркачки автомобили. 

Aутоделта: легендарниот оддел за тркачки автомобили Alfa Romeo

На 5 март 1963 година, Карло Кити и браќата Кизола основаа мала компанија со седиште во Фелето Умберто, во близина на Удине, со цел да соработуваат со Alfa Romeo во конструирањето на Giulia TZ, компактен автомобил гран туризмо, дизајниран од Загато, изведен на мотор и механика на Giulia, а опремен со ексклузивна цевчеста шасија, па оттука и кратенката Tubular Zagato. Така започна една од најубавите страници во меѓународниот моторспорт, а компанијата толку добро работеше што наскоро стана Оддел за тркачки автомобили на Alfa Romeo. Во 1965 година, одделот беше купен од Alfa Romeo со цел да се управува со официјалното враќање во конкуренцијата, по повлекувањето од Светскиот шампионат во F1 во 1951 година, со освојувањето на втората титула со „Alfetta“. Поради оваа причина, производителот на автомобили одлучи да создаде ад хок организација за натпревари, физички одвоена од местото на производство и со доволна дискреција во донесувањето брзи технички и спортски одлуки.

 

Генерален директор на оваа нова индустриска и спортска реалност е харизматичниот инженер Карло Кити, кој ја пресели Autodelta во некои анонимни магацини во Сетимо Миланезе, недалеку од Арезе. Некои од најпознатите тркачки автомобили Alfa Romeo ќе потекнуваат од тука, вклучувајќи ја и легендарната Giulia Sprint GTA од 1965 година, која освои три последователни „Challenge Europeo Marche“, десетици национални првенства и стотици поединечни трки низ целиот свет. Куриозитет: Giulia Sprint GTA беше првиот автомобил туризмо којшто ја помина патеката Нордшлајф на Нирбургринг за помалку од 10 минути.

 

Во 1967 година, Alfa Romeo решава да направи скок во категоријата „прототипови“, во тоа време главната меѓународна сцена на автомобилски трки, со „33/2 литри“ којшто го освои првиот трофеј на своето деби во Флерон, Белгија. Следната година, прототипите на автомобили на Autodelta победија во категоријата на трките 24 часа Дејтона, 1000 километри на Нирбургринг, 500 километри Имола и 24 часа Ле Ман. Извонреден е и легендарниот автомобил „33 TT 12“ од 1975 година, веројатно најпрестижната година за Autodelta, со која го освои Светскиот шампионат Марке, повторувајќи го својот успех две години подоцна со „33 SC 12“. Последователно, Autodelta се грижеше за управувањето со сите спортски програми на Alfa Romeo, од трофејот Алфасуд до Формула 1. Во 1984 година Карло Кити ја напушти компанијата и следната година Autodelta беше распуштена. На крајот, треба да се запомни дека Autodelta исто така беше полигон за тренинг за многу италијански возачи, вклучувајќи ги Андреа Де Адамич, Артуро Мерцарио, Андреа Де Чезарис, Бруно Џакомели, Џорџо Франча, како и неколку странски шампиони: од Јохен Ринд до Џеки Икс, од Жан Пјер Жарие до Марио Андрети.